Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по повод обележувањето на јубилејот - 51 година од основањето на Меѓународната организација на франкофонијата, во просториите на Министерството за надворешни работи ја презентираше изложбата „50 години Франкофонија - поглед од Северна Македонија“.
„Изложбата, преку автентични фотографии од архивите на министерството, Францускиот институт во Скопје и други институции, ја покажува традицијата на француски јазик на нашата земја, местото и улогата на францускиот јазик во нашето општество, како и франкофонската култура, размена заснована врз традицијата на мултикултурната и повеќејазичната реалност на нашата земја“, истакна Османи, искористувајќи ја приликата за да ја презентира и веб-страницата на Министерството за надворешни работи, која од денеска ќе биде достапна и на француски јазик.
На изложбата свое обраќање имаше и Амбасадорката на Република Романија, г-ѓа Адела- Моника Аксинте, земја која припаѓа на големото франкофонско семејство. Присутни беа и амбасадорите од земји членки на Меѓународната организација на франкофонијата, акредитирани во земјата.
Настанот беше проследен и од страна на г-дин Ерик Попе, директор за Централна и Источна Европа на Меѓународната Организација на Франкофонијата со кој министерот Османи имаше и одделна средба на која се разговараше за активностите на Република Северна Македонија во оваа Организација.