Сесија “Идната генерација на Западниот Балкан"

23 јуни 2022

Во рамките на второто издание на Преспа форумот за дијалог 2022, се одржа последната сесија насловена: “Идната генерација на Западниот Балкан, која Министерството за надворешни работи ја организираше во соработка со канцеларијата на регионалната младинска соработка (RYCO) и Младинскиот сојуз - Крушево

Во овој дел од сесијата беа опфатени темите за јакнење на улогата на младите како фактор на промени и активисти, кои претставуваат движечка сила за градење на стабилни и одржливи општества. Исто така се дискутираше за приближувањето на идните генерации од Западниот Балкан кон вредносниот систем на ЕУ, како и нивно активно вклучување во процесот за креирање на младински политики.

 На сесијата главни говорници беа Бисера Костадиновска-Стојчевска,  министерка за култура, Секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер, Зоран Попов, државен секретар на Министерството за надворешни работи, Алберт Хани, Генерален секретар на RYCO. Исто така свои излагања имаа и претставници од регионалните канцеларии на RYCO, младинскиот сојуз Крушево, како и советникот од канцеларијата на ПРСМ задолжен за младинските прашања и претставник од Агенцијата за млади и спорт.

 Државниот секретар, Зоран Попов, во своето воведно обраќање истакна дека 2022 е година во која што сите заедно треба да обезбедиме подобри услови и иднина за младите дома. Соочувајќи се со многу предизвици, повика на поддршка од клучните регионални иницијативи како RCC и RYCO, да им се понуди на младите одговор кој го бараат и заслужуваат. Иднината на новите генерации во Западен Балкан е доведена во прашање и во голем дел ќе зависи од напредокот во евро-интегративниот процес на регионот.

 Алберт Хани, ГенСек на RYCO потенцираше дека “Поврзувањето на младите е една од најважните инвестиции кои можат да помогнат кон зајакнување на меѓусебната толеранција, помирувањето и меѓукултурниот дијалог.  Несомнено е дека младите се и ќе продолжат да бидат клучни чинители кога станува збор за градење на одржливи и мировни општества”.

 Секретарот за односи со државите на Светата Столица, монсињор Пол Ричард Галагер, ги поздрави младите и упати порака "Сакам да ги охрабрам младите да имаат визија за својата земја и за својот регион и да работат во насока за нејзина реализација".

 Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска апелираше до младите да се отворат за соработка, и за размена на искуства. Воедно додаде “Не дозволувајте да го носите времето на туѓите грешки. Не барајте иднина во минатото. Живејте сега и сега барајте ги начините како со вашите чисти умови и срца да го приближите Западен Балкан кон Европската Унија”.

 

Охрид, 17 јуни 2022 г.