Амбасада на Република Северна Македонија во Франција

Најнови вести

Политички консултации меѓу Министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Француската Република во Париз

Во периодот од 14 до 16 февруари 2023 година, државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски престојуваше во работна посета на Француската Република. На 14 февруари 2023 година, во Париз се одржаа билатерални политички консултации меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, предводени од државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски и директорот на Директоратот за континентална Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Фредерик Мондолони. Соговорниците изразија задоволство од динамичниот и континуиран политички дијалог меѓу Северна Македонија и Франција, со кој се зацврстува севкупната билатерална политичка и економска соработка, како и взаемна поддршка во мултилатералните односи, со заложби за натамошно интензивирање и продлабочување на дијалогот на сите можни нивоа помеѓу двете држави и општества.   Во фокусот на средбата беше тековниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ и недвосмислената поддршка на Француската Република на евроинтеграцискиот пат на нашата земја. Ваквата заложба е видлива во напорите на Француската Република во рамки на дијалогот со соседна Бугарија и надминување на предизвиците во односите меѓу двете земји.  Во овој контекст, ДСек Тосевски изрази благодарност за ангажманот на Франција во рамки на претседателството со Советот на Европската унија, што резултираше со одржување на Првата меѓувладина конференција на ЕУ и Северна Македонија. Директорот Мондолони подвлече дека Франција засилено ќе продолжи да го поддржува реформскиот процес на нашата земја во сите клучни области. Стана збор и за идеи за унапредување на соработката во рамки на Европската политичка заедница. На средбата, соговорниците се осврнаа и на развојот на економските односи меѓу Северна Македонија и Франција, во чие светло беше поздравена и најголемата француска гринфилд инвестиција во Северна Македонија за изградба на соларен парк на „Акуо Енерџи и активностите со Француската агенција за развој, кои можат да поттикнат нови понатамошни француски инвестиции, со што уште еднаш се реафирмира интересот за натамошно унапредување на одличната економска соработка меѓу двете држави. Двете страни се осврнаа на соработката и во доменот на одбраната, безбедноста, културата и мултилатералната димензија. Беа разменети мислења и за сите актуелни меѓународни и регионални прашања како Берлинскиот Процес, иницијативата Отворен Балкан, Европската политичка заедница, како и за соработката и предизвиците во рамките на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023. Исто така, делегацијата предводена од државниот секретар Тосевски оствари средба и со советничката за Европа на претседателот на Француската Република Емануел Макрон, Гаранс Пино. На средбата се разменија ставови за пристапниот процес  на Република Северна Македонија, како и за актуелните внатрешно-политички случувања во државата. Советничката Пино изрази силна поддршка на нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. На средбата во Секретаријатот за европски прашања при канцеларијата на премиерката на Франција, со директорката на Одделот за соседство, проширување и одбрана се дискутираше за начините за споделување на искуствата со Европската Унија, како и соработка на конкретни проекти. Во Националното собрание на Француската Република, македонската делегација се сретна со групата за пријателство со Северна Македонија предводена од претседателката Лилиана Танги. Се разговараше за актуелните прашања околу евроинтеграцискиот процес и  внатрешно-политичките случувања во државата за модалитети за продлабочување на парламентарната и соработката помеѓу двете држави. Во Сенатот на Француската Република, македонската делегација се сретна со членовите на групата Франција-Западен Балкан, на чело со претседателката Марта де Сидрак, кои покажаа интерес за европската перспектива и актуелните случувања поврзани со Северна Македонија и регионот на Западен Балкан, и изразија силна поддршка за унапредување на соработката меѓу двете држави. На средбата со Кристоф Најдовски, заменик-градоначалник на Париз, стана збор за можностите на соработка и споделување искуства помеѓу главните градови на двете држави, особено во поглед на зелените политики, но и со другите општини во Северна Македонија. На средбата во Француската развојна агенција беше соопштено дека се планира да обезбеди развојна помош во инвестициони проекти во износ од околу 50 милиони евра. Се очекува дефинирање на аранжманите и модалитетите на реализација и достава на предлог-проекти за финансирање. На маргините на работната посета беа остварени повеќе средби и со претставници на тинк-тенкови и млади од Франција на кои се говореше за внатрешно-политичките состојби во Европската Унија и земјите од Западен Балкан евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, а со акцент на пристапниот процес на Северна Македонија.  

Скопје, 18 февруари 2023 година 

Конференција за спортска дипломатија

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија во соработка со Владата на Република Северна Македонија и амбасадата на Република Франција во Скопје беа домаќини на првата конференција ,,Спортска дипломатија: Од настап до влијание’’. На конференцијата се разменија мислења околу придобивките што дипломатијата и спортот ги обезбедува во зајакнувањето на добрите односни помеѓу земјите, можностите за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства. Министерот Османи истакна дека препознавајќи ја можноста за развој и интензивирање на меѓународните односи со помош на спортската дипломатија, ќе се направат напори за придонес кон што подобра афирмација, создавање и продлабочување на взаемни долгорочни партнерства со нашите земји пријатели во светот, на начин како што тоа денес го правиме со Франција, притоа додаде дека е “потребен е труд и соодветна стратегија за да може потенцијалот на спортот да се насочи кон остварување на националните интереси и приоритети“. На конференцијата беше истакнато дека независно дали спортските активности се аматерски или професионални, позитивно влијаат, создавајќи дополнителни можности за интер-културна размена, а со тоа и нови вредности. Амбасадорот ги презентираше во главни црти различните димензии на спортската дипломатија и врз основа на тоа потсети дека неговата земја е меѓу првите во светот во поглед на нејзиниот развој, нагласувајќи дека француското Претседателство со Советот на Европската унија ѝ дава големо значење на оваа тематика, преку два клучни настани, едниот се одржа овој месец во Париз, а другиот е предвиден за месец март, во Стразбур. На крајот, тој потсети на одличната соработка меѓу нашите две земји во областа на спортот, особено преку поддршката за развој на планинските спортови, што е во исто време одлична можност за унапредување и промовирање на убавото природно наследство на Северна Македонија. Говорниците исто така разменија добри практики и успешни приказни од примената на спортската дипломатија во Франција, во рамките на организирањето на Летните олимписки игри планирани да се одржат во Париз 2024, како и за привлекување на дополнителни интернационални  спортски настани во Франција.  

Скопје, 15 февруари 2022 г.

Османи и Маричиќ на средба со Клеман Бон: Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите без одложувања

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес за време на работната посета на Париз остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција. Во фокус на разговорите беше европското досие на Северна Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија и во таа насока за потенцијалите на ова претседателство за напредок во нашите европски интеграции. Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнуваат преговорите за членство во Унијата, без одложувања. Соговорниците исто така разменија мислења и за сетот на реформи, неопходни за реализација на европската агенда, со посебен акцент на клучните области како што е владеењето на правото, борбата против корупција и организираниот криминал, а во согласност со новата Методологија за проширување на ЕУ, иницирана од Франција. За време на разговорот беа добиени јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес. Османи и Маричиќ информираа и за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок. Имајќи ја во предвид евидентната посветеност на Франција кон Западниот Балкан и европска иднина на овој регион, стана збор и за најавата за одржување Конференција за Западен Балкан во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ, а меѓу другото, беа најавени и политики на инвестирање, со цел економска интеграција на земјите на Регионот и потврдување на европската перспектива на Регионот. На средба соговорниците разговараа и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција, а се зборуваше и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои како НАТО сојузници беше изразен заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците. Во рамки на посетата на Париз, Османи и Маричиќ се сретнаа и со Изабел Думон, дипломатскиот советник за Континентална Европа и Турција на Претседателот на Франција, Емануел Макрон, а се сретнаа и со сенаторот Роберт Бадинтер, при што од страна на министерот Османи му беше врачено признанието по повод 30 годишнината од независноста на Република Северна Македонија.

Од утре, Османи и Маричиќ ќе се придружат на владината делегација во Брисел каде што  ќе имаат средби со највисоките претставници на ЕУ и НАТО институциите.

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола