Презентација на Француската Агенција за развој во МНР

31 March 2021

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со Доминик Отберг, регионален директор на Француската Агенција за развој, кој беше придружуван од амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер.

Во рамките на оваа посета,во просториите на министерството за надворешни работи беше организиран неформален брифинг со новинарите на кој што, г-динот Отберг ги презентираше целите на Француската агенција за развој, експертиза Франција и ПРОПРАРКО.

„Денес имаме убава прилика, и на мое лично задоволство, да манифестираме конкретна реализација на договореното при мојата посета на Париз, пред само три недели кога со мојот колега, министерот, Ле Дријан, го потпишавме Договорот за спроведување на активности на Француската агенција за развој (ФАР) во Северна Македонија. Денешнава посета покажува дека имплементацијата на потпишаното се движи со забрзана динамика, а со исто такво темпо се надевам ќе се реализираат и претстојните проектите кои заедно со нашите француски пријатели ќе ги реализираме.“, истакна Османи, посочувајќи ги притоа бенефициите од француската развојна помош за нашите бизниси, за нашите институции, за нашата економија, за локалната самоуправа, за граѓанскиот сектор и воопшто за целата држава.

„Ова е навистина начинот на кој треба да соработуваме. Франција е еден од главните мотори на Европската унија и зголемувањето, проширувањето на француското присуство овде во Северна Македонија е повеќе од добредојдено“.

Француската агенција за развој, има годишен буџет од 14 милијарди евра, и работи на 4.000 проекти во 115 земји во светот.