Embassy of the Republic of North Macedonia in France

5, rue de la Faisanderie, 75116 Paris

Phone: ++ 331 45 77 10 50

Fax: ++ 331 45 77 85 77

Latest news

Конференција за спортска дипломатија

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија во соработка со Владата на Република Северна Македонија и амбасадата на Република Франција во Скопје беа домаќини на првата конференција ,,Спортска дипломатија: Од настап до влијание’’. На конференцијата се разменија мислења околу придобивките што дипломатијата и спортот ги обезбедува во зајакнувањето на добрите односни помеѓу земјите, можностите за афирмација, соработка, обединување и размена на искуства. Министерот Османи истакна дека препознавајќи ја можноста за развој и интензивирање на меѓународните односи со помош на спортската дипломатија, ќе се направат напори за придонес кон што подобра афирмација, создавање и продлабочување на взаемни долгорочни партнерства со нашите земји пријатели во светот, на начин како што тоа денес го правиме со Франција, притоа додаде дека е “потребен е труд и соодветна стратегија за да може потенцијалот на спортот да се насочи кон остварување на националните интереси и приоритети“. На конференцијата беше истакнато дека независно дали спортските активности се аматерски или професионални, позитивно влијаат, создавајќи дополнителни можности за интер-културна размена, а со тоа и нови вредности. Амбасадорот ги презентираше во главни црти различните димензии на спортската дипломатија и врз основа на тоа потсети дека неговата земја е меѓу првите во светот во поглед на нејзиниот развој, нагласувајќи дека француското Претседателство со Советот на Европската унија ѝ дава големо значење на оваа тематика, преку два клучни настани, едниот се одржа овој месец во Париз, а другиот е предвиден за месец март, во Стразбур. На крајот, тој потсети на одличната соработка меѓу нашите две земји во областа на спортот, особено преку поддршката за развој на планинските спортови, што е во исто време одлична можност за унапредување и промовирање на убавото природно наследство на Северна Македонија. Говорниците исто така разменија добри практики и успешни приказни од примената на спортската дипломатија во Франција, во рамките на организирањето на Летните олимписки игри планирани да се одржат во Париз 2024, како и за привлекување на дополнителни интернационални  спортски настани во Франција.  

Скопје, 15 февруари 2022 г.

Османи и Маричиќ на средба со Клеман Бон: Северна Македонија и Албанија треба да ги почнат преговорите без одложувања

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес за време на работната посета на Париз остварија средба со Клеман Бон, државен секретар за европски прашања во Министерството за Европа и надворешни работи на Република Франција. Во фокус на разговорите беше европското досие на Северна Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија и во таа насока за потенцијалите на ова претседателство за напредок во нашите европски интеграции. Соговорниците се согласија дека Северна Македонија и Албанија треба да ги почнуваат преговорите за членство во Унијата, без одложувања. Соговорниците исто така разменија мислења и за сетот на реформи, неопходни за реализација на европската агенда, со посебен акцент на клучните области како што е владеењето на правото, борбата против корупција и организираниот криминал, а во согласност со новата Методологија за проширување на ЕУ, иницирана од Франција. За време на разговорот беа добиени јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес. Османи и Маричиќ информираа и за создадената нова политичка клима меѓу двете нови влади во Северна Македонија и Бугарија, која покажува една нова енергија, нова иницијатива во нашите меѓусебни односи, што говори и за сериозноста и посветеноста на двете земји за да се постигне напредок. Имајќи ја во предвид евидентната посветеност на Франција кон Западниот Балкан и европска иднина на овој регион, стана збор и за најавата за одржување Конференција за Западен Балкан во јуни, за време на француското претседателство со ЕУ, а меѓу другото, беа најавени и политики на инвестирање, со цел економска интеграција на земјите на Регионот и потврдување на европската перспектива на Регионот. На средба соговорниците разговараа и за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Франција, а се зборуваше и за актуелните предизвици на целиот континент, со посебен фокус кон состојбите во и околу Украина – за кои како НАТО сојузници беше изразен заеднички став дека треба да бидат вложени сите напори за дипломатско надминување на предизвиците. Во рамки на посетата на Париз, Османи и Маричиќ се сретнаа и со Изабел Думон, дипломатскиот советник за Континентална Европа и Турција на Претседателот на Франција, Емануел Макрон, а се сретнаа и со сенаторот Роберт Бадинтер, при што од страна на министерот Османи му беше врачено признанието по повод 30 годишнината од независноста на Република Северна Македонија.

Од утре, Османи и Маричиќ ќе се придружат на владината делегација во Брисел каде што  ќе имаат средби со највисоките претставници на ЕУ и НАТО институциите.

Претседателот на Португалија приреди Новогодишен прием за дипломатскиот кор

Амбасадорката Јадранка Чаушевска Димов, како нерезидентен амбасадор во Португалија присуствуваше на Новогодишниот прием што на 18 јануари го приреди претседателот на Португалија, Marcelo Rebelo de Sousa во Palácio National de Queluz, за дипломатскиот кор, акредитиран во оваа земја.  Амбасадорката му се заблагодари на Претседателот за севкупниот ангажман за време на Португалското претседателство со СЕУ во однос на постигнувањето напредок во евроинтегративниот процес на нашата земја.  

Tourist destinations

Баба Планина, Битола

Охридско езеро, Охрид

Дојранско езеро, Дојран